Москва и Ријад се договорија Русија да и испорача системи за противвоздушна одбрана С-400 на Саудиска Арабија, соопшти денеска руската Федерална служба за воено-техничка соработка.
– Потврдуваме дека со Саудиска Арабија е постигнат договор за испорака на ракетни системи за противвоздушна одбрана С-400, противтенковски ракети Корнет-ЕМ, ракетен систем ТОС-1А, автоматски фрлач на гранати АГС-30 и пушки АК-103 Калашњиков, соопшти Федералната служба.
Саудиската телевизија „Ал-Арабија“ минатата недела јави дека за време на посетата на кралот Салман во Москва бил постигнат договор Саудиска Арабија да купи руски ракетен систем С-400.
Претходно, рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин изјави дека Саудиска Арабија покажала интерес за купување на руски ракетен систем С-400, откако Турција за истиот систем уплати аванс.