Шпанското Министерство за внатрешни работи денеска донесе одлука за продолжување на престојот на припадниците на националната полиција и Цивилната гарда во Каталонија до 18 октомври.
Единици на шпанската национална полиција и на Цивилната гарда беа испратени во Каталонија во рамки на мерките на Мадрид за спречување на референдумот за каталонска независност што беше одржан во неделата.
Првично беше предвидено овие припадници на шпанските безбедносни сили да останат во Каталонија до 11 октомври, но со денешната одлука на Министерството нивната мисија се продолжува за уште седум дена.
Во пресрет на референдумот, шпанските централни власти во Каталонија испратија 6.000 припадници на националните бебзедносните сили, кои им се приклучија на околу 6.000 нивни колеги кои се постојано стационирани во овој автономен регион.
Одлуката за продлжување на мисијата доаѓа во пресрет на најавената седница на каталонскиот Парламент за в понеделник, на која е можно да биде донесна одлука за незавиосност на Каталонија.