Со цел спроведување на фер и демократски избори пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ бараат од Државната изборна комисија и Александар Чичаковски, сите оние кои се дел од ДИК, а имаат судир на интереси веднаш да бидат разрешени. Ова го изјави денеска на прес-конференција во Собранието на РМ, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска.
– Веднаш треба да биде разрешен генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев, кој што е сопруг на Љубица Јанчева која е втора на советничката листа на СДСМ за Град Скопје, рече Стаменковска.
Според неа, Јанчев наместо непристрасно да работи за спроведување фер и демократски избори, со секој одлука ќе работи во интерес на својата сопруга и СДСМ.
– Ова е врв на непотизам и судир на интереси. Александар Чичаковски и ДИК веднаш треба да ги разрешат и сите партиски војници на СДСМ кои се поставени за претседатели на Општински изборни комисии, а кои се директно вклучени во камањата на СДСМ, посочи таа.
Чичаковски и ДИК, како што нагласи, треба веднаш да го разрешат и претседателот на ОИК во Кратово Марија Петковска која, како што рече, беше во првите редови на конвенцијата за промоција на кандидатот за градоначалник на СДСМ од Кратово.
– Разрешен треба да биде и претседателот на Општинската изборна комисија во Кисела Вода Томо Мојсовски, кој беше фотографиран и објавени во медиумите како врши партиски активности за СДСМ во Кавадарци, рече Стаменковска.
Незамисливо е, посочи таа, луѓе кои требаат да гарантираат за фер избори да бидат директно вклучени во кампањата на СДСМ.
– Како претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија го повикуваме Чичаковски веднаш да ги разреши сите кои имаат судир на интереси, нагласи Стаменковска.