Во преговорите меѓу Велика Британија и Европската унија на маса се сите можни опции, вклучително и таа Лондон и Брисел да не можат да постигнат договор, изјави денеска британската премиерка Тереза Меј.
– Во наш длабок интерес е преговорите да бидат успешни и да резултираат со нови односи меѓу Британија и Европската Унија. Но, наша одговорност како Влада е да се подготвиме за секоја евентуална можност. Ве уверувам дека тоа и го правиме, изјави Меј во обраќањето на годишната Конференција на нејзината Конзервативна партија во Манчестер.
Обраќањето на Меј беше прекинато од страна на комичарот Сајмон Бродкин, кој и врачи формулар за отказ. Пред да биде отстранет од обезбедувањето, Бродкин рече дека бил испратен од страна на министерот за надворешни работи Борис Џонсон за да и порача на Меј дека е отпуштена.
Конференцијата во Манчестер минува во знакот на притаениот судир меѓу Меј и Џонсон, кој и изрази поддршка на премиерката, но за кого сепак се смета дека има лидерски амбиции. Во својот вчерашен говор, Џонсон рече дека е време повторно да се слушне грмежот на британскиот лав и дека Велика Британија ќе биде успешна по напуштањето на Европската Унија.
По отстранувањето на Бродкин, Меј изјави дека ќе го искористи формуларот што и го врачи и ќе му го предаде на лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин.
Добар дел од Конференцијата во Манчестер беше посветен на Корбин и на неговите екстремно левичарски предлози, за кои конзервативците сметаат дека би можече да ја уништат британската економија.
Конзервативците победија на последните избори во јуни годинава, но го загубија мнозинството во Парламентот, а според анкетите, тие сега според популарноста се безмалку изедначени со лабуристите на Корбин.