Академици, професори и филозофски истражувачи од Франција, Русија, Србија и Македонија учествуваат на третиот меѓународен филозофски дијалог „Исток – Запад“. Организатори се Филозофското друштво на Македонија, Македонската академија на науките и уметностите и Меѓународниот славјански универзитет „Гаврил Романович Державин“.
Тема на годинашниот собир е „Филозофија на образованието & филозофија во образованието“. Дијалогот „Исток – Запад“ денеска се одржува во МАНУ, утре ќе продолжи во Битола, а ќе заврши на 6 октомври во Охрид.
– Целта на овој собир е да поттикнеме филозофска дискусија на најразлични теми. Првата година дискутиравме за наука и религија, а лани за правото меѓу етиката и политиката, изјави претседателот на Филозофското друштво на Македонија Љупчо Митковски и додаде оти за дискусија одбиваат горливи теми.
Тој појасни дека филозофијата во средното образование е застапена само во класичните гимназии, со малку предмети, од кои дел се изборни. Додаде дека нивната струка го покрива и основното образование, исто така на изборно ниво, запознавање со религии и етика. Според него, потребно е проширување на опсегот на часови кои се во филозофска провиниенција во средното и во основното образование.
Претседателот на МАНУ академик Таки Фити го отвори собирот и нагласи дека образованието и филозофијата или филозофијата во образованието е многу значајна тема, круцијална.
– Не може да се прави нов концепт на образование ако филозофските аспекти на оваа проблематика не се земат предвид, рече Фити.