Во „Аџибадем Систина“ првпат во Македонија изведена ендартеректомија на белодробна артерија

Од:

На Одделот за кардиохирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како што информираа оттаму, првпат во Македонија, е изведена ендартеректомија на белодробните артерии. Интервенцијата ја изведе  проф. д-р Салис Таџер, заедно со својот тим.

– Станува збор за исклучително ретка состојба при која белодробните артерии и помалите гранки  со прогресот на болеста се затвораат заради тромботичен материјал кој доаѓа најчесто од недијагностициран извор или се формира на истото место  заради пореметена коагулација на крвта на пациентот. Она што е особено карактеристично за оваа состојба е фактот што со тек на времето артериите се затвораат до нивна речиси целосна блокада со што се намалува протокот на крвта низ белите дробови.  Тоа влијае на покачување на притисокот во белодробните артерии при што се развива пулмонална хипертензија и слабост на десното срце со нарушена функционалност, вели проф. д-р Салис Таџер, шеф и основачот на Одделот за кардиохирургија.

Еден од главните симптоми кои се јавуваат е тешко дишење и при најмал напор. Она што е карактеристично е што не постојат специјални лекови со кои може да се третира оваа состојба. Единствено, во ублажувањето на симптомите помага терапија со Силденафил, познат под комерцијалното име „Вијагра“.

– Основен третман на ваквата состојба со која се решава причината за нејзиното настанување е изведување на хируршка интервенција – ендартеректомија со која се отстранува тромботичниот материјал кој станува дел од  ѕидот на белодробната артерија. Ваквата интервенција спаѓа во групата на високо ризични операции кои бараат голема прецизност и се изведува со привремено стопирање на протокот на крв низ целиот организам на пациентот со цел да се овозможат потребните услови за изведување на интервенцијата. За време на интервенцијата на пациентката и беше заменет и трикуспидалниот залисток на срцето кој беше со нарушена функција. И покрај сериозноста и комплицираноста на случајот, интервенцијата на 28-годишната пациентка траеше околу три часа и  помина во најдобар ред. Сега пациентката се чувствува добро, и е под контрола на мојот тим“, изјави проф. д-р Салис Таџер.

Успешно изведената интервенција на проф. д-р Салис Таџер е првата изведена операција од ваков вид во Македонија, а Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е прв медицински центар во државата во кој се изведува оваа интервенција.

Би можело да ве интересира

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството

ВЛЕН: Здравството во нашата земја е разбудено од „клиничката смрт“

Интервју со проф. д-р Светозар Антовиќ: Првиот симпозиум на MAAS ќе биде историски настан за нашата хируршка заедница

Таравари признава дека има мито во здравството, повика граѓаните да пријавуваат

Катерина Ѓуровски

Таравари: До крајот на годината решение ќе земат 1.100 вработени по договор на дело во здравството

Поголеми плати во здравство, потпишан Анекс на Колективниот договор