Графичарот Евгениј Пантев вечер ќе има самостојна изложба во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица.
– Авторот со строги канони и ставови, верен на традиционалните графички техники, особено сува игла, е во постојано испитување и истражување во обликувањето на просторот и материјалот, при што настануваат дела со разновидност и разномерност. Оттука и овие облик-знак, знак-симбол или симбол-облик, поставени во имагинарни и симболични простори во неговата душа, на неговата духовна иконографија. Чувството е големо штом делата на вредната рака, смелоста и мечтата ги опфатиш со поглед, пишува Љупчо Маленков за изложбата.
Евгениј Пантев е роден во 1966 година во Софија, Бугарија. Дипломирал на одделот за графика и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е магистер по ликовни уметности –област графика.
Своето богато ликовно творештво досега Пантев го има споделено со широката публика и љубителите на уметноста преку голем број самостојни изложби во земјава. Учествувал на повеќе од 100 национални и меѓународни групни графички изложби, биенални и триенални во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Грција, Турција, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Белгија, Холандија, Италија, Полска, Литванија, Англија, Египет, Канада, Јапонија, Кина, Русија, САД…