Меѓународната заедница во своите реакции на вчерашниот референдум за независност на Каталонија оцени дека тоа е „внатрешно прашање“ на Шпанија и повика на дијалог, но во исто време и ги осуди насилните мерки на шпанската национална полиција за спречување на гласањето.
Германскиот министер за надворешни работи Зигман Габриел повика денеска на итен дијалог меѓу каталонските регионални власти и централната Влада во Мадрид, нагласувајќи дека е од суштинско значење да не се дозволи случувањата да излезат надвор од контрола по бруталната интервенција на националната полиција.
– Кадрите кои вчера ги видовме од Шпанија, покажуваат колку е важно да се прекине спиралата на ескалацијата, истакна Габриел.
Русија од своја страна одби да ги коментира случувањата во Шпанија, оценувајќи ги како внатрешно прашање.
– Референдумот во Каталонија е внатрешно прашање на Шпанија, наведе портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон имаше телефонски разговор со шпанскиот премиер Маријано Рахој, во кој му посочил дека го поддржува до територијалниот интегритет на Шпанија.
За време на разговор тој истакнал дека за него постои само „еден претставник на Шпанија“. Тој не споменал ништо во однос на насилството за време на референдумот.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, посочи дека Велика Британија е вознемирена од насилството, што беше демонстрирано за време на гласањето на „нелегитимниот референдум за независност во Каталонија“.
– Очигледно е дека сме визнемирени од насилството, но јасно е дека референдумот не е уставен, поради тоа треба да биде воспостваен баланс. Искрено се надевам, дека нештата ќе се смират, додаде Џонсон.
Чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек исто така оцени дека референдумот е внатрешно прашање на Шпанија, но изрази загриженост поради насилството на шпанската полиција врз гласачите.
– Политичките спорови не треба да се решаваат со насилство. Јас сум приврзаник на постигнувањето на договор и водење на преговори врз основа на правилата во демократијата, изјави чешкиот вицепремиер Павел Белобрадек.
Обединетите нации повикаа на непристрасна истрага за вчерашното насилство во Каталонија.
– Длабоко сум вознемирен од насилството во Каталонија во неделата. Имајќи предвид дека стотици лица се повредени, ги повикувам шпанските власти да обезбедат детална, независна и непристрасна истрага за сите акти на насилство. Полициската реакција мора во секое време да биде пропорционална, изјави високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад ал Хусеин.
Европската комисија денеска ја потврди својата позиција дека референдумот за независност на Каталонија, што се одржа вчера во тој шпански регион, не е во согласност со Уставот на Шпанија.
Портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас повика на дијалог, при што одби да посочи, кој е одговорен за насилството во Шпанија, при кое беа повредени над 800 лица.
– Референдумот според шпанскиот устав не е легитимен, рече портпаролот на Комисијата, додавајќи дека каталонското прашање е „внатрешна работа на Шпанија“.