Премиерот на Шпанија, Маријано Рахој и претседателот на регионалната Влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон денеска организираат одделни средби за да се определат следните чекори по вечарашниот референдум, на кој над 40 проценти од Каталонците гласаа за независност, додека шпанската полиција се обидуваше да го спречи гласањето.
Рахој организираше средба со раководството на неговата Народна партија, а во текот на денот планирано е да се сретне и со другите партиски лидери во Мадрид, Педро Санчез од опозициската Социјалистичка работничка партија на Шпанија (ПСОЕ) и Алберто Ривера од партијата Граѓаните (Сиудаданос), која има значително влијание во Каталонија и се залага за зачувување на единството на Шпанија.
Во Барселона, пак, Пуџдемон свика вонреден состанок на Владата и го отвори прашањето за формално прогласување независност од Шпанија, по референдумот, кој каталонската Влада го смета за регуларен.
Безмалу 900 лица беа повредени во целодневните физички пресметки со шпанската полиција, која се обидуваше да го попречи гласањето, по што Пуџдемон изјави дека Каталонија го заслужила правото да стане независна држава. Две лица се се уште во критична состојба.
Пуџдемон воедно побара меѓународно посредништво меѓу Мадрид и Барселона како и повлекување на сите шпански полициски сили од Каталонија. Тој најави дека ќе формира специјална комисија која ќе ја испита употребата на насилство против каталонските гласачи, а еден од одговорите на насилството ќе биде организирање на протести.