Во уметничката галерија на Градскиот музеј Крива Паланка синоќа беше отворена изложбата „Во Македонија имало стрип автори?“. Изложбата е во организација на Стрип Центарот на Македонија со седиште во Велес.
– Она што вечерва го имаме овде е дел од програмата на Министерство за култура на Република Македонија, во рамки на програмата за 2017 година. Градскиот музеј се труди изложбите кои ги подготвува за кривопаланечката публика бидат во различни медиуми, а за прв пат имаме тематска изложба на стрип. Се трудиме да бидеме авангардата на Крива Паланка и се надевам ќе успееме во тоа, рече директорот на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка, Драган Величковски.
Изложени се дела претежно од македонските стрип автори, до најмладите генерации, до највозрасните, меѓу нив и доајенот на македонскиот стрип, осумдесет и четиригодишниот Миле Топуз.
– Стрип центарот постои дваесет години, досега сме организирале преку стотина изложби во земјава, имаме издавачка дејност во која издаваме и списание, кое досега има 27 броја, издаваме стрип книги … Овие изложени стрипови се врз основа на слободна тема, пристигнати на нашито меѓународен конкурс во рамки на меѓународниот салон за стрип кој секоја година се одржува секоја есен во средината на октомври во Велес, изјави Ване Трајковски, директор на Стрип центар- Велес.
Рече дека стрип-уметноста во Македонија се уште е на маргинални рамки, но Стрип центарот заедно со уште едно здружение кое се занимава со оваа дејност од Скопје, се трудат да го оживеат стрипот.
– Правиме напори стрипот да го доближиме до најмалите генерации, оние од училишната возраст, порача Трајковски.
Изложбата ќе биде отворена во следните десет дена.