„Современи дипломатски методи и нивната примена во македонската дипломатија” е нова книга од амбасадор д-р Данчо Марковски која беше промовирана денеска во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи.
Според еден од промоторите на делото, амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец, со оваа книга македонската дипломатска и теоретска мисла се еманципира и може да се спореди со други познати дипломатски, теоретски и практични остварувања. Го издвои значењето на организационата поставеност на дипломатската служба кај малите држави, како и феноменот на т.н. виртуелна или твит дипломатија кои се елаборирани во книгата.
– Оваа книга треба да се има во вид кога се размислува за структурата, организацијата и ефикасноста на работата на секоја дипломатија, а осбено на македонската, вели амбасадорот Јазбец.
За амбасадорката на Хрватска во Република Македонија, Данијела Баришиќ, кога дипломатија се менува како што се менува и целиот свет и технологијата, важно е да се обучат дипломатите за примена на социјалните медиуми, бидејќи тие се оние кои го градат имиџот за својата земја.
Авторот Марковски посочи дека основниот мотив да се зафати со пишување на оваа книга е создавање домашна литература од областа на дипломатијата и дипломатијата и дипломатската служба, наменета за стручната јавност и за професионалните дипломати.
– Дваесет и првото столетие е исполнето со невиден технолошки развој и информатичка технологија што ја наметнува потребата за постојана теориска и практична надградба на дипломатот. Поводот, пак излезе од потребата за внесување на новите современи методи во дејствувањето на македонската дипломатија кои што веќе се користат во современите демократски земји. Убеден сум дека нивното користење ќе придонесат за успшна реорганизација на МНР, кое по децениската дезориентираност ќе уиспее да ги надмине актуелните проблеми и ќе прерасне во ефикасна дипломкатија на мала држава способна да одговори на предизвиците што стојат пред земјата.
Ова е четврта книга на амбасадорот Марковски кој е дипломат од кариера. Дел од експертскиот тим којшто работи во рамки на форумот за надворешна политика, организиран од Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје, а во соработка со Прогрес Институт за социјална демократија и Дипломатскиот клуб.