Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска оствари средба со делегација на Светска банка предводена од Хавиер Сурез, главен економист за Европа и Централна Азија, соопшти ССК.
Целта, како што стои во соопштението, на подготвителната мисија на тимот на Светска банка, кој работи на подготовка на проект за „Олеснување на транспортот и трговијата во регионот на Западен Балкан“ е да оствари соработка со сите релевантни чинители кои ќе придонесат конструктивна имплементација на проектот.
– ССК остварува одлична соработка и одржува редовни средби при посета на делегации од Светска банка во нашата земја. Проектите кои во изминатите години се реализираат во Македонија со поддршка од Светската банка, а кои се во насока на спроведување на реформите, зголемување на конкурентноста и подобрување на инфраструктурата, на долг рок ќе донесат позитивни резултати за македонската економија. Сметаме дека и овој проект ќе ги отстрани предизвиците со кои се соочува приватниот сектор од земјите од Западен Балкан, изјави Арсовска.
Таа додаде дека стратешките цели за унапредување на деловното окружување, ги креираме во согласност со глобалните економски текови при што поддршката на Светската Банка е значајна за нивна реализација.
На состанокот се дискутираше и за заложбите на Сојузот и досегашните реализирани активности во насока на зголемување на конкурентноста на компаниите, нивната поддршка, промоцијата, пласманот на странските пазари, како и за учеството на 10. Светскиот коморски конгрес во Сиднеј, Австралија, каде Арсовска беше панелист на сесијата посветена на инфраструктурата заедно со Мишел Керф, регионален директор на Светската банка.