Лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон изјави дека притисоците на шпанската Влада врз Каталонија поради референдумот за независност на оваа област, закажан за 1. октомври, само ја зголемуваат поддршката за референдумот на начин кој европските институции нема да можат да ја игнорираат.
Пучдемон ја обвини Европската комисија што ја игнорира желбата на каталонскиот народ да се одржи референдумот.
Тој исто така рече дека Комисијата им свртела грб на Каталонците со тоа што не застанала во одбрана на фундаменталните права, кога шпанските судови и централната власт се обидоа да го спречат референдумот.
Ниту една држава внатре или надвор од Европската унија не изрази поддршка за претстојниот референдум.
Во меѓувреме, каталонската полиција предупреди дека се можни граѓански протести доколку шпанските власти ги затворат избирачките места и на тој начин го спречат одржувањето на референдумот.
Каталонската Влада одлучи да се одржи референдумот и покрај тоа што Владата во Мадрид се обидува на сите начини да ја одврати Каталонија од тоа.