„Со приватно-политичка одлука за одмазда врз Љубе Бошкоски, фамилијата на власт во Македонија, го води случајот за убиството на Марјан Тушевски, и со тоа заглавија во жив песок и кога тогаш ќе си ги заменат местата во затворот во Идризово“, пишува Зоран Божиновски во Буревесник.
„Љубе Бошкоски навистина има вина и навистина за своето однесување и поведение треба да биде санкциониран. Виновен е затоа што во погрешен дел од неговиот живот бил министер на полиција на погрешна партија која ниту тогаш (1998.-2002.) ниту денес не личи на онаа од пред кампањите, додека се борела за власт. Виновен е што и кога станал директор на полицијата и кога станал министер подоцна (мај 2001.) бил колега со погрешни луѓе, делел добро и зло со злобни и штетни луѓе по демократијата во Република Македонија. Виновен е особено што подоцна кога ја биеше неговата животна битка за слобода во Хаг, им дозволи на неговите денешни џелати да му се доближат и политички да поентираат, да ја бацуваат земјата која ја гази по ослободувањето од обвинението за воено злосторство, само и само затоа што како и сите политички трговци и калкуланти процениле дека тоа им носи политички ем профит ем бенефит“, пишува Божиновски.
Според него, Бошкоски ниту имал мотив ниту моќ да го убие Тушевски.
„За убиството на Марјан Тушевски и Кире Јанев, случено на 11. Јули 2001. ЉУБЕ БОШКОСКИ не е виновен! Ниту го нарачал , ниту го подготвувал, ниту го извршил, ниту имал мотив за тоа, ниту имал потреба. Најточно е дека не бил во добри односи со Марјан Тушевски, поради случајот со неговиот шура случен месец дена порано. Ама тоа и не било толку драстичен случај до степен Бошкоски како министер на полиција да даде налог и да изврши егзекуција над Тушевски и Јанев“.
-Бошкоски не можел и не смеел да изврши таква егзекуција баш затоа што за такви „активности„ немал ниту моќ ниту овластување ниту толку голема власт, два месеци по седнување во жешката министерска фотелја во МВР, во составот на компромисната Влада на тогашната широка и шарена коалиција. Марјан Тушевски и Кире Јанев се ликвидирани по налог на оној што ги создал, им дал сила и им дал моќ, Доста Димовска. Биле следени и прислушувани во периодот пред егзекуцијата и за ова постојат записи и докази во МВР. Љубе Бошкоски станал министер за внатрешни работи два месеци пред убиството на Тушевски и Јанев. Ниту имал време, ниту ресурси на располагање, за толку краток период да испланира такво убиство и да го реализира, а без да добие дозвола од Доста Димовска и Љубчо Георгиевски, формациски и практично две најмоќни фигури во тој момент, „Господари на животот и смртта„ во Македонија во тоа време.
– Моите извори од МВР за овој случај ми тврдат дека е отворен во најпогрешно можно време по оние што го отвориле, дека во МВР точно се знае кој го следел и кој го прислушувал Тушевски до моментот на егзекуција, дека требало и можело да биде приведен и притворен, дека воопшто немало потреба од егзекуција. Но, во погрешно време влегол во конфликт со тогаш моќната Доста Димовска и и се спротивставил на неколкукратните барања да престане да ги малтретира и рекетира сопствениците на дуќаните во „ГТЦ„ и „Беверли Хилс„, од кои повеќето биле спонзори на ВМРО ДПМНЕ и секојдневно се жалеле кај неа од Тушевски заканувајќи се дека ќе ја ускратат натамошната финансиска поддршка на нејзината „кауза„. Доста Димовска, иако не била министер на МВР во тој момент, сепак од сенка и натаму раководела со министерството и со Брат Љубе. Под нејзина диригентска палка биле и останале сите полуги и инструменти за следење и прислушување (неа и се случи ГОЛЕМОТО УВО, з.а.). Од таква позиција, единствено таа можела во тој момент да преземе активности за следење и прислушување на Тушевски и да донесе одлука како ќе биде санкциониран. На негова и на несреќа на Кире Јанев, донела одлука да бидат убиени. Таков налог и дала. И во МВР за тоа постојат и докази, а постојат и сведоци“, пишува Божиновски.
Според него, од архивираните докази ќе може да се реконструира случајот „Тушевски„ по заминувањето на оваа извршна власт која случајот го отвори на начин да му се одмазди на Љубе Бошкоски, бидејќи е оценето дека седумгодишната затворска казна не е доволна казна за неговата непослушност.