ИКТ компаниите бараат промена на законите за да можат да обезбедат стимулации со кои ќе ги задржат инженерите кои заминуваат во странство, од кој кадар на домашниот пазар на труд има недостиг од 15 проценти.
Од Стопанската комора за информатичка и комуникациска технологија МАСИТ денеска порачаа дека се потребни промени во делот на оданочувањето на примањата на инженерите, и да се прецизираат одредбите за практиканство, но и за работа од дома, која опција иако општо прифатена во светот работодавачите ја избегнуваат поради нејаснотиите.
Според Анета Антова Пешева, заменик претседател на Управниот одбор на МАСИТ, со Владата ќе се разговара за специјална регулатива затоа што, како што рече, иако фирмите ги вработуваат младите инженери веднаш по образованието и ги обучуваат откако ќе ги добијат сите сертификати заминуваат во странство.
– Даночниот систем треба да биде поспецифично прецизиран околу примањата на ИТ инженерите кои не можете да ги задржите без 1.000 или 1.500 евра плата, а тој нема ниту стан, допрва создава семејство, изјави Антова Пешева, на конференцијата за регулативата на работните односи и пазарот на труд во ИКТ секторот.
Дејвид Атбери, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, оцени дека сегашната регулатива ги попречува светските практики за стимулиации како работа од дома, бонуси, стажирања, флексибилно работно време. Ако не се решат овие прашања можат да станат бариера за идниот развој во секторот, рече Атбери.
Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, предлозите и забелешките од ИКТ секторот ќе бидат дел од анализите при изготвувањето на новиот закон за работни односи што треба да биде донесен следната година.
– За да може да ја зголемиме вработливоста на младите и на повозрасните во вашиот сектор мора да донесеме закон за практиканство во кој ќе вклучиме вработување на студенти со цел компаниите да имаат подобра подоготовка на кадарот, рече Царовска, апелирајќи да се донесе колективен договор на ниво на гранка што сега не е случај, бидејќи во секторот нема ниту синдикати, ниту колективен договор на ниво на работодавач.
Конференцијата за бизнис регулативата е дел од проектот на УСАИД – партнерство за подобра бизнис регулатива.