Претседателот на САД, Доналд Трамп, викендот ги критикуваше американските спортисти кои не стојат исправени за време на интонирањето на американската химна на стадионите.
Со овој акт, приклонување на едно колено додека се интонира химната, спортистите од афроамериканско потекло демонстрираат непокор против полициското насилството во однос на луѓето со темна кожа во САД.
На митинг во Алабама, во свој вообичаен манир, Трамп го искритикува ваквото однесување на фудбалерите и на неговите поддржувачи им порача:
– Зар не би сакале кој било од сопствениците на НФЛ клубовите, чии играчи не ја почитуваат химната и знамето на земјата, да рече: Вадете го веднаш од игра тој кучкин син! Отпуштен е!
Оваа изјава ги разбранува духовите кај демократите и спортската фела од афроамериканско потекло (75 проценти од играчите на НФЛ лигата) кои цел викенд и денес изнесуваат баражи од критики и незадоволство на негова сметка, обвинувајќи го за расизам.
Истакнати спортисти, пред се кошаркари и фудбалери, со нaстапи на националните ТВ-мрежи, откажаа секаква поддршка на Трамп. Така на пример, кошаркарот на Голден Стејт, Кевин Дјурант, одлучи да не оди во посета на Белата Куќа што традиционално се одржува во чест на победниците на шампионатот на НБА.
Во полемиката се вклучи и самиот Трамп, кој како по обичај, на Твитер постираше неколку коментари.
– Голема е почеста за еден тим кој извојувал шампионска титула да ја посети Белата куќа. Ако Кари не сака да доаѓа тогаш поканата е повлечена.
На ова се приклучи и кошаркарот Леброн Џемјс.
– Безделник. Кари веќе каже дека не оди. Да се дојде во Белата куќа беше чест, се додека ти таму не се појави, му напиша Џејмс на претседателот на САД.
Трамп продолжи да сугерира со нови твитови:
– Ако спортист сака привилегии и заработка од милиони долари во НФЛ или која било друга лига, тој или таа нема право да искажува непочитување спрема американското знаме и треба да стои исправено при интонирање на химната. Ако тоа не го прави – треба да биде отпуштен.
Практиката на приклонување кога се интонира химната ја започна фудбалерот на Сан Франциско, Колин Каперник, за време на игрите пред да започне сезоната во август лани. На тој начин тој сакаше да привлече внимание кон полициските репресии врз афроамериканското население во земјата. Истиот пример потоа го повторуваа многу спортисти. Каперник повеќе не игра, а неговиот гест беше речиси заборавен. Се до насилните протестите на расна основа кои неодамна се случија во Шарлотсвил, Вирџинија.
Непотребниот коментар на Трамп само го разгори бранот на незадоволство помеѓу афроамериканското население во САД.