Симона Заборска со седмото освено место го има најдобриот пласман од каратистите на Макпетрол кои викендот учествуваа на престижниот турнир од серија А на Премиер Карате Лигата во Истанбул.
Македонската каратистка настапи во категоријата -55 кг и забележа четири победи (3+1 репасаж), а беше поразена од Сабина Захарова од Казахстан која со пласманот во финалето и овозможи да настапи во репасажот. Во мечот кој и овозможуваше борба за медал, Заборска загуби од Русинката Елизавета Лазарева со 0-4.
Од другите каратисти на Макпетрол кои имаа забележителен настап, Петар Заборски оствари две победи и еден пораз, додека Наташа Стефановска -61 кг, се истакна со две победи и еден нерешен разултат 1-1, но не помина во наредното четврто коло, поради тоа што противничката прва освои поен.
Селекторот Бошко Заборски задоволен од постигнатото,
– Задоволен сум од настапот на каратистите од Макпетрол. После овој турнир Симона Заборска, ќе има подобрување на своето бодовно салдо на ранг листат на Светската карате федерација кое се очекува да излезе за неколку дена. И таа заедно со Берат Јакупи, ќе бидат најверојатно најдобро рангирани Македонски каратисти-ки. Ние во Истанбул, учествувавме на едно многу квалитетно првенство и слободно може да се каже дека ова беше неофицијално светско првенство. Конкуренцијата беше огромна како никогаш до сега, изјави Заборски.
Тој додаде дека во иднина се потешко ќе се освојуваат медали на вакви турнири, бидејќи каратето станува олимписки спорт.
– Сега нормата за Токио 2020, ќе ја остварат само сериозните држави и Федерации, кои нема да се штедат во ниту еден поглед. Ние како Македонија, ја добивме и втората опомена. Пред две недели Берат Јакупи во Лајпциг, беше петто пласиран, сега Симона Заборска во Истанбул е седмо рангирана. Ова ни алармира дека медали тешко ќе се освојуваат и во иднина на овие турнири. Сега останува по две седмици да учествуваме на турнирот во Салзбург, и да ја поправиме бодовната листа во повеќе тежински категории. Треба да се обидеме да влеземе меѓу првите 50 спортисти. Ова е многу важно бидејќи од Јануари 2018 година, само првите 50 спортисти ќе имаат можност за понатамошна трка за настап во Токио 2020 година, заврши Заборски
Во Истанбул настапија 1262 натпреварувачи од 89 држави, односно од 293 клубови сите во сениорска конкуренција.
Македонската карате експедиција за ова коло од Карате 1 Премиер лигата во Истанбул броеше 31 член. Клубовите од Македонија, настапија со следните потенцијали: Металург настапи со 10 каратисти, Макпетрол со седум, Штип, Цветан, Димов и Олимпик спорт со два, Кеикс, Вардар, Асиарт, Ботони, Спорт 94, Фати, Македонка и Ронин по еден.