Берлускони тврди дека премиерот во заминување Марио Монти кова заговор со левичарската струја во неговата центристичка алијанса со цел да победи на изборите во февруари.
Лидерите на коалицијата негираат дека има било каков таен договор.
Монти, кој минатата година, кога Италија очајно се обидуваше да ја избегне финансиската криза, го замени Берлускони на местото премиер, вчера изјави дека сака да ја обедини широката коалиција на различни фракции, околу реформската агенда која би ги намалила економските тешкотии во земјата.
Монти денес ги заврши неколкунеделните шпекулации во јавноста, со изјавата дека ќе ги води коалициските партии на центарот кои го поддржуваат неговиот европски и реформски програм на парламентарните избори во Италија на крајот од февруари, додавајќи дека тој е подготвен да “биде именуван за лидер на коалицијата.”
Во обраќањето на централната железничка станица во Милано, Берлускони изјави дека Монти сака да и помогне на левицата да обезбеди победа, за да може да продолжи со планот на мерките за штедење, пренесе Ројтерс.
“Ова групирање има за цел да се фаворизира левицата – како и усогласувањето со левичарската програма која ја слават, води во таа насока”, оцени Берлускони, кој претходно на каналот “ТВ Виста” за Монти рече дека е “резервно тркало” од Демократската партија (ПД).
Берлускони, 76-годишниот милијардер, кој во Милано допатува со воз од Рим со својата 27-годишна партнерка Франческа Паскале, рече и дека не верува дека Италијанците ќе “паднат во стапица”, чија цел е, рече тој, крадење гласови од десниот центар.
Од друга страна, Пјер Фердинандо Казини, лидерот на најстарата и најголемата партијата на центарот Унијата на Демохристијаните (УДЦ), која соработува со Монти, ги негираше обвиненијата.
“Нашата иницијатива не настана со поддршка на ПД. Таа не започна со однапред одредена алијанса”, рече Казини на прес-конференција.
Монти неодамна ја одби понудата на Силвио Берлускони да биде кандидат на коалицијата на десниот центар на февруарските општи избори.
Тој пред една недела, поднесе оставка на премиерската функција, иако планираше да ја води италијанската влада до април 2013година , во надеж дека ќе има време да ја “спаси Италија од финансиска пропаст.”
Меѓутоа, кога Народот на слободата, партијата на поранешниот премиер Берлускони, ја повлече својата поддршка, на Монти (69) не му преостана ништо освен да поднесе оставка, бидејќи неговата технократска влада ја изгуби поддршката во Парламентот.
Откако го замени Берлускони во ноември 2011 година, Монти беше на чело на технократскиот владин кабинет задолжен да ја спаси Италија од банкрот.
Заслужен е за средување на јавните финансии и враќање на довербата на пазарот, но стапката на невработеност, од неговото доаѓање на чело на владата, достигна рекордна стапка и националната економија остана во рецесија.