Организаторите на “општонародното востание” во Словенија ги повикаа, преку Фејсбук, граѓаните на нов протест кој ќе се одржи на 11-ти јануари.
Претходните демонстрации беа одржани во Љубљана под слоганот “Бараме оставка на политичката елита.”
Неколку групи на Фејсбук наведоа дека протестите ќе бидат поголеми и погласни од првиот т.н. општонародно востание одржано на 21 декември, пренесе словенечката агенција СТА.
Анонимните организатори на протестот најавија дека собирот ќе почне во 4:30 во попладневните часови на конгресниот плоштад.
“Ќе покажеме дека овде не се работи за левица или десница, туку за Словенија, која е во постојана сопственост на сите граѓани”, се вели во поканата на една група преку Фејсбук.
Овие групи ги советуваат сите оние кои не можат да дојдат во Љубљана, во тоа време да организираат сопствени протести под истиот слоган.
Демонстрантите се повикуваат да останат смирени, да се дистанцираат од било каков вид на вандализам и насилство против полицијата.
Првото “словенечко народно востание” се одржа пред само една недела, кога во Љубљана и во неколку други градови низ целата земја се собраа околу 5.000 луѓе, кои протестираа против словенечките политички елити и социјално-економската состојба, наведува СТА.