Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера ја спореди вербалната војна помеѓу Трамп и Ким Џонг-ун со борба на деца во градинка.
Последните денови се води не баш дипломатска комуникација помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, откако Трамп во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации го нарече севернокореецот „човек ракета“ во самоубиствена мисија, заканувајќи се дека целосно би ја уништил Северна Кореја.
Ким на тоа возврати нарекувајќи го Трамп „ментално пореметена личност“ и се закани дека скапо ќе плати за заканите упатени кон Северна Кореја.
Трамп не застана тука, па вчера го нарече Ким лудак кој ќе биде ставен на тест како никогаш досега. Во меѓувреме, САД ги заострија санкциите кон Северна Кореја, додека Пјонгјанг се заканува со тестирање на нова хидрогенска бомба.
Сергеј Лавров повикува на смирување на ситуацијата и на ладење на вжештените глави.
– Да, неприфатливо е мирно да ги гледаме нуклеарните воени авантури на Северна Кореја, но исто така е неприфатливо и да се започне војна на Корејскиот полуостров, рече Лавров повикувајќи на политички процес за решавање на ситуацијата.
– Заедно со Кина ќе продолжиме да се трудиме за разумен пристап, а не за емоционален како кога деца во градинка ќе се степаат и никој не може да ги раздели, вели Лавров.