Владата ќе биде посветен и ќе работи на привлекување на странски инвестиции и ќе биде нивниот најдобар партнер, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на свеченото отворање на фабриката Injection Moulding Prilep (IMP), инвестиција на германски Accomplast GmbH во Технолошко индустриската зона во Прилеп и притоа додаде дека Владата ќе работи се додека не ги пополни до последно место со производствени хали сите парцели во индустриските зони во Македонија.
– Со Планот за економски раст странските и домапните компании добиваат ист третман и Владата ги смета сите компании, без разлика на потеклото на капиталот, за македонски компании, бидејќи тука работат и произведуваат, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Тој истакна дека го познава германскиот начин и систем на работа и се надева дека сите германски инвестиции во Република Македонија ќе го пренесат квалитетот и технологијата со што ќе придонесат за технолошки развој и раст на економијата на земјата.
– Знаеме дека постојат определени проблеми со инфраструктурата во ТИРЗ зоната, во поглед на недостаток на вода и канализационен систем. Ве уверувам дека Владата посветено ќе работи да ги надмине овие проблеми и да ги подобри условите во зоната, за да компаниите може нормално да функционираат и да се развиваат, заврши вицепремиерот Анѓушев.
Согласно деловниот план на компанијата, инвестициските вложувања на компанијата во период од четири години би изнесувале до 3 милиони евра, а би се креирале до 150 нови работни места. Во моментов во фабриката работат 20-ина вработени.
Специјалност на ИМП е пластично моделирање делови за автомобилската индустрија.
– Ни беше потребна многу сила за да се состават сите парчиња и во текот на работата стекнавме нови добри искуства. Тука се произведуваат делови од пластика и метал наменети за автомобилската индустрија. Се планира и отворање уште една хала „Инџекшн Молдинг Прилеп“, рече Инес Андре, еден од управителите на компанијата.
Вториот управител на компанијата Франк Михаелис изрази благодарност до претходната, но и до новата Влада за поддршката.
– Има доволно простор за нашите возбудливи идеи и ова е уште една пресвртница на нашата компанија во поновата историја на Македонија. Парите се инвестирани, вработените се обучени и направени се првите нарачки, истакна Михаелис.
Според Патрик Мартинс, претставник на Германската стопанска комора, Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија и бројот на германските инвеститори тука значително се зголеми последните години.
– Македонија е една од ретките земји со трговски суфицит со Германија, односот е 2 : 1. Минатата година обемот на трговија меѓу Македонија и Германија изнесуваше 2,8 милијарди евра, стока во вредност од 2,1 милијарда евра била извезена од Македонија во Германија, а стока во вредност од 750 милиони била извезена од Германија во Македонија. Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 15.000 лица, напомена Мартинс.