Индекс – Загреб
Израел во 70 години постоење, што е помалку од просечен животен век, постигна неверојатен успех. Иако немаат речиси никакви природни ресурси, или можеби бидејќи немале ништо, освен памет, успеале да изградат модерна економија и земја удобна за живот.
Според индексот на ОН за општествен развој (Human development Index), таа земја е на 19 место во светот, пред многу европски земји, како Белгија, Франција, Луксембург или Австралија.
Израел има стапка на невработеност од само четири отсто, а бруто домашнио производ по жител е над 37.000 долари. За споредба, Хрватска има БДП по жител од 12.000 долари.
Имаат и релативно млада популација, во однос на западните земји и просечната возраст е околу 29 години, додека очекуваниот животен век е над 80 години.
Градот кој живее 24 часа на ден е центар на високотехнолошка индустрија
Само во последната година во Израел се доселиле околу 30.000 луѓе, главно од Франција, од Украина, од Русија и од САД, па во земјата сега живеат 8,6 милиони луѓе, 10 пати повеќе од 1948 година, кога почнале да постојат како држава.
Минатата недела поминавме пет дена во Тел Авив, за да присуствуваме на фестивалот за иновации и на стартап конференцијата „DLD Tel Aviv Innovation festival” и добивме увид во функционирањето на нивната економија.
Тел Авив на прв поглед изгледа како туристичка дестинација. Прекрасно уредени плажи на кои се наоѓаат многу хотели. Градот живее 24 часа на ден. Терасите од рестораните и кафулињата се преполни со луѓе. Сезоната на капење, поради топлата клима трае се до почетокот на октомври. Но, под таа „туристичка“ површина, сонцето, морето, рестораните, баровите, се крие мрежа на високотехнолошка индустрија.
Секој десети вработен работи во секторот на високотехнолошка индустрија
Секое десето вработено лице во Тел Авив, околу 40.000 луѓе работат во високотехнолшкиот сектор. Во тој град има околу 2000 високотехнолошки компании. Тоа е една четвртина од вкупниот број на високотехнолошки компании во Израел.
Според податоците на IVC Research, Тел Авив во последните пет години двојно го зголемил бројот на меѓународните развојни истражувачки центри, од 35 колку што работеле во 2012 година, на дури 73 центри, што е една петтина од истражувачките центри во Израел.
Последниот во низата истражувачки центар во Тел Авив се одлучил да отвори глобална куќа за картици Виза и така се приклучил на бројните други компании како Рено, Бош, Мастер Кард, Гугл, Фејсбук, Амазон, Кока Кола, Мајкрософт, АОЛ, Самсунг, Сименс, ПејПал, Дојче Телеком, Ситибанка, Интел, Јаху, Берклеј, ИБМ, Епл…
Покрај големите компании, тука се и стартапите, кои во Израел минатата година биле активни околу 4.000, од кои 1200 во Тел Авив, кои вработуваат 22.000, т.е. 6300 луѓе. Немале ништо, освен памет и поради тоа се успешни.
Зошто Израелците се толку иновативни?
Историјата на развојот на Израел е историја на решавање на проблемите. Недостигот на ресурси, па дури и основни, како вода и плодна земја, ги натерало да бидат иновативни.
На пример, бидејќи имаат малку земја за земјоделство, биле „принудени” на бројни иновации, кои денес се користат во светот, како развој на разни системи за одгледување на зеленчук без земја, систем за полевање „капка по капка“ и слично. Немале ни вода, па развиле најнапредни системи за десолинизација и рационално користење на водата.
Почетните сурови услови за живот и непријателската средина – практично со ниту една земја во соседството не биле во добри односи – создале силни, храбри поединци и општество, подготвено да преземе ризици, што е темел на денешниот успех на таа земја.
Една од карактеристиките на нивниот менталитет е чувството за заедница. Тоа што релативно е мала земја, го истакнуваат како предност, бидејќи „сите“ на некој начин се меѓусебно поврзани, секој некого познава, што овозможува лесно создавање на (деловни) контакти. Сакаат да го споделуваат знаењето и меѓусебно си помагаат, што го чувствуваат како обврска.
Исто така, Израелците немаат страв од неуспех. Додека во многу култури, земји, вклучувајќи ја и Хрватска, неуспехот тешко се прифаќа, а луѓето на кои им пропаднал бизнисот често наидуваат на осуда од околината, што ги парализира сите тие кои би сакале да се обидат да отворат свој бизнис, кај Израелците тоа го нема. Неуспехот се доживува како нормален дел од деловниот пат и секој има право на нова шанса, без осуда од околината.
Зграда со „кула“ е седиште на израелската војска
Единицата на израелската војска „8200“ е расадник на експерти за високотехнолошкиот сектор.
Важна улога во развојот на високотехнолошкиот сектор има и војската. Како што веројатно веќе сите знаат, обврзно е служењето на војската во Израел. Мажите во војска се три, а жените две години. Израелците во војска стекнуваат многу корисни знаења и вештини кои подоцна ги користат во кариерата.
На пример, единицата на израелската војска „8200“, која всушност е разузнавачка служба, се споредува со американската Национална безбедносна агенција (НСА) и се занимава со кибер активности, расадник е на кадри за високотехнолошките компании.
Припадниците на таа единица во текот на служењето на воениот рок добиваат многу сложени задачи, кои мора да ги решаваат во стресни околности, добиваат врвни знаења од разни подрачја, па тоа искуство неформално им се вреднува речиси како завршен факултет.
Бројните основачи на успешните израелски стартапи, или разни менаџери во мултинационалните компании, во биографиите имаат служење во единицата 8200 на израелската војска.
На чело на државната агенција за иновации е поранешен директор на Епл.
Поддршка за развојот на високотехнолошките компании дава и Агенцијата за иновации (Israeli Innovation Authority). На нејзино чело, како што би било тоа случај кај нас, не е некој политичар во подем, туку исусен менаџер. Ахарон Ахарон, директор на таа агенција, бил директор на Епл за Израел, што бил еден од првите центри на таа американска компанија надвор од матичната земја. Ахарон, како и многумина во високотехнолошкиот сектор, има искуство од израелската војска, од единицата 8200.
На стартапите во рана фаза во развој, оваа Агенција нуди финансирање до 85 отсто трошоци за истражување и развој, без државата да навлегува во сопственоста, од 500 до 800 илјади долари. Ако компанијата успе и почне да генерира приходи, тогаш ги враќа парите кои ги добила.