Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Рош Хашана, односно започнувањето на еврејската Нова година, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо-Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во земјава.
– Еврејската нова година значи нов почеток и нова надеж дека во годината што следи ќе нè одминат тагата, неприликите и предизвиците, а ќе ни наминат радоста, успехот и благосостојбата. Рош Хашана е време на благодарност за Божјите благослови, но и период за размислување за Божјите закони. Бидејќи, како што пишува псалмистот Давид, благословени се токму оние кои ги почитуваат божјите закони. Еден од тие закони, кој е истовремено и темел врз кој треба да се градат општеството и државата, е да ги сакаме ближните како самите себе, вели во честитката претседателот Иванов.
Честитајќи им го прославувањето на Новата година, Иванов им посака да ги почитуваат културните и религиските разлики и, како што посочува „да продолжиме и понатаму заеднички да ја градиме нашата држава Република Македонија“.