„Покрај тоа што Социјал-демократскиот сојуз досега нема што да покаже во земјоделството, и си ги присвојува политиките што ги остави владата на ВМРО-ДПМНЕ, покрај тоа што не ги исплати субвенциите навреме, сега во настапот на премиерот Зоран Заев јасно се најавуваат нови критериуми со кои голем дел од земјоделците нема да може да користат субвенции.
Ова претставува сериозна опасност која ќе води до целосно укинување на оваа доходовна поддршка за нашите земјоделци.
Ова претставува скриена закана со која најголемиот број на најранливиот дел од населението, ситните земјоделци, но и на останатите земјоделски производители ќе им се оневозможи пристап до субвенциите.
Да се доделуваат субвенции само на оние кои ќе го зголемуваат производството во наредната година за 10% е или незнање, или намера.
Ако е незнаење накратко да изнесеме неколку причини зошто не може да се спроведува ваквиот критериум:
– Земјоделството е област во која резултатите се под силно влијание на природните услови за производство (почвено-климатските услови, биолошкиот карактер на самото производство), така што најголем дел од истите не може да се контролираат и не зависат од земјоделците.
– Најголемиот дел од ситните земјоделци производството го реализираат на зелените или кванташките пазари, каде не се води евиденција за количините, па оттука не може да се направи споредба за тоа дали има 10% зголемување.
– Земјоделците секоја година поставуваат нова сеидбена структура, водејќи сметка за плодоредот, со што поедини култури по години ротираат и не се наоѓаат во структурата како претходната година. Како ќе се мери зголемувањето?
– Во одредени подсектори, кај повеќегодишните насади, производството зависи од староста на насадот кој со текот на годините се намалува продуктивноста. Според најавите овие производителите грозје, на овошје, производителите на фуражни култури, ќе останат без субвенции.
– Со вакви критериуми сточарите ќе бидат најпогодени, односно скоро сите ќе бидат исклучени од субвенционирањето. Причина е што зголемувањето на продуктивноста во сточарството за 10% за само една година е просто невозможно.
Но доколку се работи за намера, тогаш Социјал-демократскиот сојуз се враќа на старите времиња и на нивниот добро познат став за земјоделците, дека тоа е област која нив многу не ги засега и имаат крајно индолентен однос кон истото. Всушност тоа може да се види и од програмата на новата влада во која нема ништо конкретно, освен декларативни заложби.
Земјоделците добро знаат кој се залага за нив. Знаат дека бевме нарекувани земјоделска влада. Ние не се срамиме од ова туку напротив продолжуваме посветено да бидеме со земјоделците и да следиме и да реагираме на ваквите најави кој ќе значат дефинитивно крај за силните поддршки кои ВМРО-ДПМНЕ им ги обезбеди на земјоделците.
Ние тоа го ветуваме и ги повикуваме земјоделците да бидат со нас во заедничката борба против ваквите политики на Социјал-демократскиот сојуз во земјоделството“, изјави Драги Димитриевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.