Ураганот Марија, кој достигна јачина од петта категорија, синоќа го погоди островот Доминика, причинувајќи штета од големи размери, а премиерот на оваа карипска држава Рузвелт Скерит рече дека Доминика е уништена и ја повика меѓународната заедница да помогне.
Ураганот, кој доцна синоќа го погоди островот, го урна покривот на резиденцијата на премиерот во главниот град Розо, објави денеска порталот „Нејшен њуз“.
– Ве молам, кажете му на светот дека Доминика е уништена, изјави Скерит.
Тој истакна дека се засолнил во подрум откако ветрот го однел покривот, а куќата му е поплавена, додавајќи дека речиси со сите луѓе со кои разговарал останале без покрив над глава.
– Изгубивме сѐ што може да се купи со пари“, напиша премиерот на Фејсбук.
Скерит нагласи дека не знае дали има загинати и повредени, и дека сега е фокусиран на спасување на блокираните граѓани и давање медицинска помош на повредените. Тој ја повика меѓународната заедница да помогне.
– Ќе ни биде потребна помош пријатели. Помош од било кој вид, порача тој, нагласувајќи дека особено е потребно помош од хеликоптери, за да можат властите да ја проценат штетата.
Ураганот Марија во текот на поголемиот дел од вчерашниот ден беше во четврта категорија, но доби на сила вечерта, во моментите кога ги погоди Доминика и француските острови Мартиник и Гвадалупе.