Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска ги поздрави новите студенти на првиот академски час во учебната 2017/2018 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
При тоа се потсети на својот прв час и споделувајќи го своето искуство, им порача на новите бруцоши успешни студентски денови.
– Соочени со фактот дека новото време во кое живееме е предводено од иновациите во ИТ сферата, Министерството за информатичко општество и администрација работи постојано на нови проекти во областа на информатичкото општество. Наша цел е целосно дигитализирана Македонија. За реализација на таа замисла нас ни треба помош и поддршка од млади, амбициозни, ентузијасти како вас, рече Манчевски.
Тој ги повика бруцошите по завршувањето на факултетот да останат да работат во Македонија.
– Свесни сме дека со струката што вие ја одбравте по завршувањето на факултетот ќе ви бидат отворени вратите за работа и развој насекаде во светот и ќе бидете ставени во искушение да заминете од Македонија. Затоа во МИОА работиме на повеќе проекти за развој на ИТ сферата, за отворање на технолошки парк,… со цел да ве задржиме вас како млади, успешни професионалци од областа на информатичките науки, во Македонија, посочи министерот Манчевски.
Тој ги повика студентите да се борат за своите права, да бидат општествено одговорни и гласни критичари на власта, затоа што, нагласи, само со активна студентска сила ќе се избориме за развиено демократско општество.