„Невкусно е што ВМРО ДПМНЕ продолжува да ја манипулира јавноста со набавки за кои знае дека ги потпишал нивниот поранешен министер Јолевски, а ја обвинува актуелната министерка. Ова го прават во обид да прикријат она што се обелодени – дека нивните функционери во МО ги трошеле службените картички за свои луксузи во огромни износи на штета на војската и државата, дека има дупка од 300 000 евра невратени аванси од соработниците на Јолевски меѓу кои само еден зел аванс од 5 000 евра непосредно пред промената на власта, да ги прикријат бројните злоупотреби на парите кои можеле да се искористат за подобрување на условите и опременоста на Армијата.
МО ги детектираше сите злоупотреби кои се вршеле за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, кога министерството било користено како мини банка за потребите на неколкумина функционери и тие пари ќе мора да ги вратат.
Она што ВМРО ДПМНЕ го нарекува набавка на морски плодови е набавка потпишана во јануари 2017 од Јолевски и во најголем дел опфаќа набавка на риба за потребите на Армијата и дел – набавка на риба и морски плодови за угостителските објекти, на барање на Секторот за услуги, туризам, одржување, возен парк и обезбедување. Станува збор за угостителски објекти од отворен тип, што значи дека набавените риби и морски плодови се наменети за продажба“, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана, на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.