Посета на локалитетот Кокино, предавање и ликовна работилница во црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, едукативна работилница за ученици, се само дел од активностите кои ги реализира Националната установа Музеј Куманово, по повод „Европските денови на културното наследство“, соопшти установата.
Директорот на кумановскиот музеј, Богдан Таневски информира дека утре стручните тимови од установата ќе организираат едукативна посета на локалитетот Кокино и црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане наменета за учениците до петто одделение од кумановските основни училишта, во недела, заеднички со продукциската куќа „Пасворд“ на Кокино ќе се одржи мултимедијален културен хепенинг Кокино-Тврдина на Сонцето, додека од понеделник во сите средни училишта ќе бидат промовирани етнолошки филмови.
– Годинава, европските денови на културно наследство од 15-22 септември се одржуваат под мото „Водата, дар од природата“, изјави Таневски. Тој ги повика кумановци да присуствуваат на овие настани, а заинтересираните да ја посетат установата која ќе биде отворена за граѓаните.
Валентина Илијевска, кустос етнолог од НУ Музеј Куманово, информираше дека пред средношколците од Куманово ќе бидат промовирани етнолошките филмови „Самовилска вода“, што беше промовиран 2010 година и „Марков бунар“ издаден во 2015 година.
– Токму овие филмови ја обработуваат оваа тема и го истакнуваат значењето на водата како дар од природата, симбол на животното битие и духовната сила, изјави Илиевска.
Историчарот во кумановскиот музеј, Марија Живачки истакна дека по повод деновите на европското културно наследство ќе организираат едукативни посети и работилници кои имаат за цел да ја подигнат свеста кај најмладите и да го доближат нашето културното наследство како дел од заедничкото европско наследство.