Кошаркарите на Работнички доживеја пораз од 90:91 во првиот натпревар од турнирот што го организира бугарскиот клуб Балкан во Ботевград.
Подобар од македонскиот тим беше српски Динамик кој се покажа подобар во финишот и во „пенал-завршницата“ дојде до триумфот. По три четвртини Работнички водеше со 75:67 и се чинеше дека ќе дојде до победата. Сепак, Динамик се погрижи за пресврт, а по серијата слободни фрлања на крајот излезе како победник. Работнички го имаше последниот напад и можноста да дојде до триумф, но играчите на тимот од „Градски парк“ воопшто не упатија удар.
Чавдар Костов со 26 и Маркус Гинјард со 22 поени беа најефикасни во тимот на Работнички.
Најтрофејниот македонски клуб денес ќе игра за третото место на турнирот со поразениот од мечот меѓу организаторот Балкан и Академик Бултекс.