Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица е отворена изложбата со делата на 54. Меѓународна ликовна колонија.
Во периодот од 1-12 август, 18 ликовни уметници од Македонија, Полска, Чешка, Бугарија, Србија, Црна Гора и Турција создадоа над педесет дела кои од вчера се достапни на љубителите на ликовната уметност.
– Делата се создавани во една позитивна и опуштена атмосфера, секој уметник според сопственото восприемање и инспирација. Ликовната колонија во Струмица е една од најстарите. Во неа поминале над 1.200 уметници кои создале преку 2.500 дела, кои го прават депото на струмичката колонија меѓу најбогатите, рече Александар Филев, академски сликар и раководител на ликовната колонија.
Уметниците кои творат на струмичката ликовна колонија имаат целосна слобода во изразот и не се тематски ограничени.
– Слободата е најважна за секој човек. Авторите имаат целосна слобода да ги изразат своите емоции. Тука се негува вајарството, сликарството, графиката, фотографијата и мозаикот. Како единствена колонија која 25 години има студио за модерен мозаик, следната година планираме да имаме изложба на сите 60-тина мозаици кои досега се создадени, рече Филев.
Министерството за култура заедно со Општина Струмица се покровители на оваа уметничка манифестација.
– Од 1964 година, Струмица стана големо урбано атеље. Постоењето на оваа ликовна колонија се надоврзува на сеопштите напори за забрзан, експанзивен еконмски, социјален, културолошки и образовен процес со високи општи идеали и цели. Тоа се времиња на вистински развоен концепт, истакна Гоце Божурски, советник во Министерството за култура.
На Меѓународната струмичка ликовна колонија твореле и великаните на македонското сликарство, Пандилов, Мартиновски, Владимирски, Наумовски, Кондовски, Мазев, Чемерски и други, што за организаторите, претставува особена гордост.
Традиционално, изложбата со делата создадени на колонијата се отвора на 11 септември, Денот на ослободувањето на Струмица.