Академијата „ЗА НЕД ДО“, со полна пареа ги започна подготовките за претстојните Светски купови во боречки вештини.
Викендов, главниот тренер на македонскиот тим, Дијана Неделковска и основачот на академијата, и шеф на македонската делегација, Златко Неделковски го собраа натпреварувачкиот состав, при што направена е ретроспектива на изминатите четири години, со учеството на Светските купови, од кои два се одржаа во Република Грција, во Сер и Атина, а по еден во Република Хрватска, Умаг и Република Германија, Хаген.
Од Светските купови, академијата за боречки вештини, за Македонија, реализирала огромен успех со освоени над 200 медали од Светски шампионати и Светски титули, додека од учеството на меѓународни и регионални натпревари, освоени се над 150 медали.
– Резултатот од вкупно освоени над 350 медали, за период од четири години е нешто што на прв поглед е за воодушевување. И ние сме благодарни на нашиот тим, што во својата реализација, секогаш бил над 100% исполнителен, па скоро на сите натпревари, еден натпреварувач партиципирал во две или повеќе дисциплини. Светот на боречките вештини не познава импровизација, па дотолку повеќе сум горд, што секој освоен медал е резултат на високо квалитетна серија борби, или демонстрации со традиционално оружје, или демонстрации на самоодбрана, три категории во светот на боречките вештини, каде изминатите четири години, доминираме со просек од над 2 медали по натпреварувач, и секогаш сме меѓу првите три држави по бројност на освоени медали, изјави Неделковски.
Тој најави работна есен и зима 2017 и апелира овој спорт финансиски да биде помогнат со цел учество на светските првенства и купови кои ќе се одржат во Грција, Белорусија, Италија и Германија.
– Очекувањата се едно, можностите и подготвеноста нешто друго, финансискиот аспект е тој што ќе одреди каде се ќе може да се бранат националните бои на Македонија.