Поранешниот управник на префектурата Солун Панајотис Псомиадис изјави дека неговата политичка кариера не е завршена, јави дописникот на МИА од Атина.
Псомиадис ја загуби функцијата откако беше прогласен за виновен за злоупотреба на службена должност. Тој беше обвинет затоа што ја намалил од 89 илјади на пет илјади евра казната за сопственик на бензинска пумпа, кој неколкупати бил обвинет за фалсификување на гориво. Во јуни минатата година тој беше осуден на една година условна казна затвор.
– Планирам да продолжам да го зборувам јазикот на народот, рече Псомиадис и информира дека планира да се кандидира на следните локални избори во 2014 година, или на парламентарните кои треба да се одржат до јуни 2016 година.
Псомиадис на македонската јавност и е познат по тоа што како решение за грчко-македонскиот спор за името предлагаше името на Република Македонија да се смени во „Република Вардар“ или „Вардарска Република“.