Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се придружува во прославувањето на 26-тата година на независноста на Македонија, а за овој ден, како што велат во соопштението, претставува можност за Македонците од целиот свет да се здружат и заедно да прославуваат.
– Денес е ден за Македонците ширум светот да ги препознаат предизвиците со кои се соочува Македонија и да погледнат кон иднината – иднина во која Македонија ја замислуваме како лидер во Југоисточна Европа. Овој ден, исто така, претставува можност сите ние, Македонците, одново да се поврземе со нашите корени и да ги чествуваме генерациите пред нас, оние кои ја основаа Република Македонија носејќи ја пред себе визијата за слободна и просперитетна држава; токму ова е наследството коешто ОМД се стреми да го одржи, се вели во честитката на ОМД по повод Денот на независноста на Македонија.
Нагласуваат дека повеќе од кога и да е порано, Македонија мора да продолжи да се залага за правото да го изразиме нашето културно наследство, правото да се интегрираме со пошироката европска заедница и правото да се приклучиме кон НАТО. – Македонија мора да добие место на масата, без условување за промена на името на нашата земја, истакнуваат од ОМД.
Од ОМД порачуваат дека Македонците од целиот свет имаат улога и во обликувањето на иднината и во давањето поддршка за заедничката визија за унитарна македонска држава со територијален интегритет да остане непроменета.