Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турција – ТХП денеска на прес-конференција изјави дека би било смешно да не беше трагично што опозицијата ги злоупотребува помалку-бројните заедници за политички поени, а претходно цела деценија биле заборавени.
„Кога ја добивме довербата од Вас, на последните парламентарни избори, ние како коалиција се обврзавме да бидеме во служба на сите граѓани на Република Македонија. Токму поради тоа работиме посветено и напорно, со многу енергија и желба да ги повратиме институциите да работат во интерес на граѓаните на Република Македонија, а не само за одредена група на властодржци, како што беше пракса досега. Со години наназад државата беше во заложништво на одредени поединци кои промовираа лажен патриотизам, со цел за остварување на лични интереси за своите гладни апетити.
Почитувани граѓани на денес слободна Македонија, Ве уверуваме дека овој вид на терор повеќе нема да се повтори. Со нивната разурнувачка политика ги разгорија страстите и ги загрозуваат темелите на меѓусебното разбирање и меѓуетничката толеранција. Помалку бројните етнички заедници ги избришаа од сите сфери во општеството, ги отстранија од сите процеси во градењето и развивањето на квалитетот на живеење на општеството и воопшто на одржувањето на државните интереси кои јасно се наведени во Уставот на Република Македонија.
Ќе беше смешно да не беше трагично тоа што денес опозицијата ги злоупотребува помалку бројните заедници кои повеќе од една деценија беа заборавени и игнорирани од иста таа структура. Истите личности кои се хранеа од меѓуетничка омраза, фашизам, ксенофобија денес сакаат да профитираат политички поени преку грбот на Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и други етнички заедници. Припадниците на овие етнички заедници се повеќе од свесни за сите случувања и секако дека нема да дозволат да бидат марионети на актуелната опозиција.
Владата која ја доби мнозинската поддршка на граѓаните на Република Македонија е спремна со сите свои ресурси и органи да биде во служба на своите граѓани без разлика на етничка, религиозна или било каква припадност. Животот стигна за сите и никој нема да може да го запре“ рече Ибрахим.