Монографија за новата велешка црква „Свети Кирил и Методиј“

Од:

Издавачката дејност на Повардарската епархија „Св.Ѓорѓи Полошки“ во пресрет на осветувањето на новата градска црква „Св Кирил и Методиј“ во Велес, кое е закажанио в недела на 10 септември, деновиве ја подготви и издаде од печат монографијата Црква „Св.Кирил и Методиј“ Велес.

Монографијата, која е двојазична, македонско-англиска, ја подготви протаѓаконот Влатко Стоименов. Англиската верзија ја приспособи Никола Цилаков од издавачката куќа „Св Ѓорѓи Полошки“ при Повардарската eпархија, а главен уредник е митрополитот повардарски господин Агатангел.

Освен што ја подготви англиската верзија, Никола Цилаков се погрижи и за фотографиите, дизајнот и компјутерската обработка. Плус фотографии од дрон на студиото „Пента“ од Велес.

– Во монографијата има појаснување на архитектонското решение, фрескоживописот, иконостасот, камбанаријата, крстилницата и другите објекти, појасни Цилаков.

Тој вели дека издаваштвото на ваков тип на книга – монографија за црква, била дамнешна желба на митрополитот повардарски Агатангел.

– Повардарската епархија, вакви книги монографии за цркви во Велес, ќе издаде и за новата црква во градба „Св Јован Крстител“ кај Багремче во населбата Тунел во Велес, за црквата „Св.Козма и Дамјан“ сместена во кругот на велешката болница, параклисите „Св.Наум Охридски“ и „Св Гаврил Велички“ сместени во црквата „Св. Богородица“ во Велес и за останатите цркви, најави Цилаков.

Тој појаснува дека овие книги ќе имаат за цел, секој православен верник да го упатат на содржината на некој Божји храм.

– Сето тоа со цел и мисија на нашата Македонска православна црква за да може подобро да го разберат значењето на Христовата вера, појасни Цилаков.

Инаку, црквата „Св Кирил и Методиј“ во Велес, која е посветена на македонските и сесловенски светители започна со градба во почетокот на јуни 2006 година, а беше прва црква што во Велес започна да се гради по пауза од 150 години.

Црквата е дело на архитектот Тодор Паскали од Охрид, а според изгледот е изградена по примерот на црквата „Св. Богородица во селото Калишта – Струшко. Црквата според архитектонскиот израз, како што појаснуваат архитектите, претставува еден од највеличествените сакрални објекти.

Црквата во Велес е со византиски стил, еднокорабна со кршен камен и камбанарија, која е надвор од објектот. Камбанаријата е со 13 ѕвона од кои пет големи и осум мали излиени во ливницата „Грасмаер“ во Виена, Австрија. Како што појаснуваат од седиштето на Епархијата Повардарска во Велес, ѕвонењето не е рачно туку електронски. Интересно е што ѕвоната можат да ја свират македонската и химната на Велес.

Во приземјето на црквата има и крстилница која ќе служи за крштевки. Црквата „Св Кирил и Методиј“ ќе биде интересна за младите и за венчавки, а кои досега воглавно се изведуваат во црквата „Св. Богородица“ која е во левиот дел од градот. Нејзиното осветување е закажано со богата црковна програма во недела претпладне,а програмата ќе започне во сабота вечер со вечерна Богослужба.

Би можело да ве интересира

Нов портпарол на Синодот ќе биде епископот Хераклејски г. Климент

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите