Ликовен перформанс на Соња Самарџиева се реализира денеска на градскиот плоштад во Кавадарци, во чест на Денот на ослободувањето на градот, а во организација на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Самарџиева е кавадарчанка која живее во Фиренца, каде има завршено ликовна академија.
– Еден од начините на кој го изразува своето сликарство е сликање на асфалт. Друштвото на ликовни уметници и нашата културна институција одлучија на градот да му дадеме нешто ново, нешто поразлично од она на што навикнале љубителите на уметноста, рече Владимир Темков, директор на Домот.
Во перформансот учествуваат и десетина нејзини колеги ликовни уметници и членови на Друштвото од Кавадарци, меѓу кои Владимир Темков, Димитар Самарџиев, Ќиро Јосифов, Ива Јосифова, Симона Манчева, Ванчо Кеков. Заедно ќе сликаат и штафелајно сликарство.
Настанот е дел од програмските активности на културниот дом.
Самарџиева има завршено средно уметничко училиште во Скопје и вајарство на академијата во Фиренца. Во моментов се занимава со мадонарство, цртање на плоштади со употреба на пастели и пигменти. Во тек се нејзините магистерски студии.