СДСМ соопшти дека новата Владата што ја предводат за само сто дена покажала оти зборот навистина е збор. Донесени се, као што наведуваат, клучни одлуки со кои се унапредува квалитетот на живот, парите се враќаат кај граѓаните, институцииите работат во служба на граѓаните, а Македонија почна цврсто да чекори на евроинтеграцискиот пат.
– Парламентарното мнозинство и Владата предводена од СДСМ за само сто дена обезбедија повисока минимална плата во висина од 12. 000 денари за околу 70.000 граѓани, ја враќаат евтината дневна тарифа на струјата, трајно го решаваат проблемот на 3.000 стечајни работници, обезбедуваат поголема помош за домашните компании и започнаа процедура за укинување на радиодифузна такса, соопштува СДСМ.
Според СДСМ, се остварува и едно од клучните ветувања во предизборната и во Програмата на новата Влада – институциите се ослободуваат, се отвораат и работат во служба на граѓаните. Од први септември, соопштуваат од партијата, започна двосменското работење на клучните институции како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, градинките, Управата за водење матични книги и службите за издавање лични карти и пасоши во МВР кои сега работат до 21.30 часот.
СДСМ најавува дека Владата и парламентарното мнозинство ќе продолжат да работат на спроведување на мерките што се во интерес на граѓаните. – По локалните избори и по победата на СДСМ, одговорното, домаќинско и транспарентно работење во интерес на граѓаните ќе продолжи и на локално ниво. Општините ќе добијат нови одговорни власти што ќе работат на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, истакнува СДСМ.