Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска изјави дека Унијата никогаш нема да формира сопствена армија.
– ЕУ никогаш нема да формира сопствена армија. ЕУ не е воена унија и никогаш нема да биде, посочи Могерини при официјалната посета на Љубљана.
Таа додаде дека Унијата нема да финансира воени интервенции, туку ќе се фокусира на превентивни мерки.
Могерини укажа на значењето на размената на разузнавачки информации, борбата против радикализацијата на младите и интеграцијата на имигрантите.
Таа упати и апел да се изврши притисок врз Северна Кореја и се изјасни против воена интервенција.
– Искуството со Иран покажа дека може да се изнајдат решенија. Но, за постигнување на тоа, Пјонгјанг би морал да биде подготвен да седне на преговарачка маса, потенцира Могерини.
Таа уште еднаш ги повика Словенија и Хрватска да ја применат одлуката на Арбитражниот суд за границата во Пирански Залив.