Одбележани четири години Институт „Конфуциј“ во Скопје

Од:

Институт „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за четири години постоење им помогна на над 500 студенти да го изучуваат кинескиот јазик, кои сега се активни во промовирањето и продлабочувањето на културната размена и градење на разбирање меѓу Македонија и Кина.

Моментално Институтот во Скопје има над 28 студенти и 30 курсисти и е активен центар за промовирање на кинескиот јазик и култура беше посочено на денешното одбележување на четиригодишнината од основањето на институтот „Конфуциј“.

Ректорот на УКИМ и претседател на Управниот одбор на Институтот „Конфуциј“ Никола Јанкуловски, рече дека за четири години Институтот создал референтна библиотека со над 4.000 единици на кинески јазик, околу 500 слушатели ги посетиле курсевите по кинески јазик, над 50 слушатели учествувале во летни кампови и 15 се стекнале со стипендии од кинеската влада за студирање на кинески универзитети.

– Институтот со својата работа даде придонес кон развивањето на соработката и пријателството меѓу двата народа на овие две земји и унапредување на економската и трговската соработка. Односите меѓу Кина и Македонија се историски на највисоко ниво. Соработката меѓу двете влади и народи е интензивна и економската соработа постојано се продлабочува. Кај македонските граѓани, осбено младите, интересот за кинеската култура и изучувањето на македонскиот јазик е се поголемо, а во исто време и интересот во Кина за посета на Македонија, изјави Јанкуловски.

Посочи дека годинава Универзитетот за странски студии на Факултетот за европски студии во Пекинг отвори Ректорат за македонски јазик.

Кинескиот директор во заминување на Институтот „Конфуциј“ Денг Шиџонг, рече дека изминатите четири години бил сведок и самиот ја почувствувал големата љубов и пријателство што македонскиот народ го покажа кон Кина и кинеската култура.

– Сведоци сме како владите на двете држави склучија голем број на соработки во полето на образованието, културата и економијата, и гледаме и сведочиме како тие и понатаму се развиваат. Со развојот на сите тие соработки се разви и нашиот Институт и се надевам дека дадовме значаен придонес, рече Шиџонг.

Посочи дека развојот на Институтот се должи на постојаната поддршка од институциите УКИМ и НУБ, каде се наоѓа седиштето на Институтот „Конфуциј“.

Новиот кинески директор на Институтот Лијао Веј, се заблагодари на неговиот претходник за целосното вложување во Институтот и ирази надеж дека тој ќе продолжи да расте, како и македонско-кинеската соработка и ќе дава резултати на сите полиња.

Министерот советник од кинеската амбасада Мао Чингхуан, во име на кинеската амбасадорка Лин Лисјен, се заблагодари на професорите и раководството на УКИМ и НУБ „Св. Климент Охридски“, со чија напорна работа го направија можен успехот на Институтот „Конфуциј“ и придонеле за блиската македонско-кинеска соработка.

Институтот „Конфуциј“ во Скопје е основан со Одлука на Универзитетскиот сенат согласно потпишаниот договор помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со Централната управа на институтите „Конфцуиј“ (Ханбан) и во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, НР Кина. Институтот беше свечено отворен во септември 2013 година во просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот