Волерс: Потребна е храброст и надминување на теснопартиските интереси за успех за Македонија

Од:

Во една демократија нема место за насилни инциденти, какви што се случија во и околу Собранието на Македонија. Потребна е храброст и зрел политички дијалог за да се адресираат политичките разлики и визија за да се погледне над теснопартиските интереси и да се унапредат интересите на земјата.

Ова го вели американскиот амбасадор Пол Волерс во пишана изјава за последните случувања во и околу Собранието што го следеа донесувањето на буџетот на државата .

– Како долгогодишен пријател на Македонија, со задоволство гледам како оваа земја расте и се развива во текот на сите овие години. Токму поради тоа, длабоко ме вознемирија политички водените конфронтации во изминатите денови. Во една демократија нема место за насилни инциденти, какви што се случија во и околу Собранието на Република Македонија на 24 декември. Тоа дека Собранието мора секогаш да биде место за мирни политички дискусии, е втемелено во самата основа на една силна и демократска нација. Исфрлањето на новинарите од зградата исто така беше вознемирувачко, бидејќи на тој начин беа спречени да ја извршуваат својата витална функција на информирање на јавноста за настаните. Можноста независните медиуми да ги покриваат политичките настани на избалансиран и отворен начин, како и правото на јавноста да биде информирана за фактичките настани, се суштествени во една зрела демократија, вели Волерс.

Тој повикувајќи се на американското искуство посочува оти демократијата може да биде и тешка.
– И покрај стотиците години искуство, ние во САД го гледаме токму тоа сега, како што нашите спротивставени политички партии се борат за да дојдат до договор околу нашиот национален буџет. Овде во Македонија, легитимно беа поставени важни прашања околу тоа дали процедурата беше запазена во Собранието при усвојувањето на буџетот. Овие прашања може и треба да бидат поставени и дискутирани во контекст на демократскиот процес. Покојниот претседател Борис Трајковски кажа во една своја позната изјава дека помеѓу луѓето постојат разлики, но важно е сите граѓани и избрани функционери да користат демократски и законски патишта за да ги разрешат тие разлики, наведува Волерс.

Според него, агресивни и провокативни дејствија, како и насилство не претставуваат легитимни патишта за надминување на разликите.

– Македонија заслужува подобро. Нејзините лидери – како оние на власт, така и оние во опозиција – имаат свечена обврска пред своите сограѓани да се однесуваат на начин што нема да ја поткопа довербата на јавноста во демократските институции на земјата. Граѓаните имаат право да бараат уште повеќе од своите лидери. Зрел политички дијалог, ослободен од провокации и груби обвинувања е суштествен. Да го цитирам големиот американски граѓански лидер Мартин Лутер Кинг: „Да не бараме да ја задоволиме нашата жед за слобода, пиејќи од чашата на горчината и омразата“, вели американскиот дипломат.

Повеќеслојното партнерство што Соединетите Држави го уживаат со Македонија, додава тој, подразбира заеднички напори да се создаваат нови работни места, да се намали корупцијата, да се реновираат училишта и да се обнови богатото културно наследство овде во Македонија, како и да се промовира мир и безбедност во целиот свет преку заедничките напори на нашите храбри војници во Авганистан.

– Ние сме горди на тоа партнерство и ние сакаме Македонија да успее, но ние не можеме да го посакуваме тој успех повеќе од лидерите на земјата. За да се адресираат политичките разлики на конструктивен начин, потребна е вистинска храброст. Да се погледне над теснопартиските интереси и да се унапредат најдобрите интереси на целата земја, потребна е визија. Тоа може да се постигне. Во исчекување на следната година, се надевам дека ќе видам како сериозните лидери од сите страни ќе донесат успех на оваа прекрасна земја, заклучува амбасадорот Пол Волерс.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он