Има постапка и ќе има завршница. Треба да се осудат таквите чинови од сите страни, одговори премиерот Никола Груевски на прашањето што презел во овие четири дена за да се откријат одговорните за отстранувањето на новинарите од Собранието при донесувањето на Буџетот за 2013 година, поставено од пратеникот Имер Алиу на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
– Се произнесов во јавноста уште истиот ден кога се случија тие настани и изразив жалење за непријатностите со кои се соочија новинарите. Потоа следуваше и објаснување од страна на претседателот на Собранието кое беше лиферувано во медиумите по писмен пат. Тој случај си има своја постапка и веројатно ќе има и завршница, рече премиерот Груевски.
Жалам, додаде, и за она што им се случуваше на новинарите надвор од Парламентот, особено за обидот за напад на новинар на една телевизија што беше регистиран и на камерите и во медиумите.
– Треба да се осудат таквите чинови од сите страни, како оние во Собранието, така и оние надвор од законодавниот дом за кои би рекол дека беа слични, па дури и полоши, бидејќи имавме обид за напад на новинар од страна на градоначалник од опозицијата, потенцира Груевски.
На второто прашање од пратеникот Алиу за коментар од претседателот на Владата за условната казна затвор изречена за лице од Тетово за цртање на картата на „голема Албанија“, Груевски рече дека судската судската постапка се уште е во тек и оти е завршена само во прв степен.
– Личноста има право на жалба, а понатамошниот процес ќе тече во регуларна судска постапка. Треба да се почека да заврши судскиот порцес, а откога ќе заврши да се види како треба да се коментира. Се додека судскиот процес не е завршен би било добро да не се обидуваме на некој начин да се влијае врз Судот, рече Груевски.
Сите вакви дискусии во Парламентот, додаде, на некој начин може од страна на Судот да се почувствуваат како некаков притисок.
– Затоа не би коментирал ништо. Треба да се сочека и да се остават судовите во една демократска, транспарентна постапка да го завршат случајот, нагласи Груевски.
На прашањето поставено од претеникот Зијадин Села од ДПА дали Предлог-законот за бранителите е поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ или, пак, од Владата, премиерот Груевски кратко одговори дека законот е поднесен од ВМРО-ДПМНЕ преку пратениците.
На денешната седница не присуствуваат пратениците од опозицијата.