Дали Црното море е новата маршрута за бегалците?

Од:

Дојче веле-Атина/БТА

Се очекува Романија да прифати околу две илјади бегалци од Грција и Италија. Но земјата се уште продолжува да се спротивставува на можноста за воведување на систем за квотно раселување на мигранти и бегалци.

Во есента 2015 година, Европската унија одлучи да пресели 160 илјади бегалци од Италија и Грција во други земји нејзини членки. На почетокот Романија беше меѓу земјите кои се изјаснија против раселувањето на база на квоти, но подоцна се согласи да прифати бегалци во рамки на своите можности.

Врз основа на европскиот систем за раселување по квоти земјата би требало да прифати 6.300 мигранти. Подоцна стана прашање за раселување на 4.000 души, а сега изгледа дека околу две илјади бегалци и мигранти ќе бидат преселни од центрите во Италија и Грција во Романија.

Тоа го најави неодамна во телевизиско интервју романскиот министер за надворешни работи Теодор Мелешкану. Тој додаде дека ќе бидат издвоени 5,3 милиони евра за сириски бегалци, кои се наоѓаат во соседни земји на Сирија.

Се повеќе бегалци во Црното Море

Неодамна крајбрежната одбрана на Романија спаси 69 сириски бегалци, меѓу кои и 29 деца. Тоа се случи на брегот на Црното море. Не за првпат бегалци се обидуваат да стигнат во Романија а потоа и во ЕУ следејќи ја таа маршрута.

Сличен случај со 132 бегалци беше регистриран во септември 2014, а исто и во 2015 година.

Минатата година романскиот претседател Клаус Јоханис за Дојче веле изјави дека Романија има волја да прими одреден број бегалци и со тоа да ги заштити своите граници од нелегалната миграција.

– Имаше обиди бегалски групи од региони на Србија да влезат во Романија, а од таму да го продолжат својот пат. Успеавме да го спречиме тоа. Така планираме да постапиме со секого кој ќе се обиде да влезе во Романија преку Црно Море, рече тој, објаснувајќи дека е речиси невозможно луѓе да се обидат да влезат во земјата преку Црно Море, затоа што е „многу потешко достапна отколку на пример преку Средоземно Море“.

Бегалци во очај

Во меѓувреме нештата се сменија. Изгледа дека луѓето се толку очајни што се склони да тргнат по опасни маршрути и патишта. А тоа се случи откако балканската маршрута а и „маршрутите“ преку Егејско Море и Медитеранот беа затворени. Како што изгледа, при таква ситуација Црното Море се претвори во алтернатива за шверцерите со луѓе, кои нелегално превезуваат мигранти до Европа.

Но ако Црно Море стане нова маршрута за бегалците, тогаш не само Романија, туку и Бугарија треба да очекува еден нов бран на своето крајбрежје.

Засега не е познато како двете земји имаат намера да се изборат со таа нова ситуација, но се очекува дека и таа маршрута брзо ќе биде затворена и дека криумчарите ќе бараат нови патишта за да пренесуваат очајни луѓе до Европа, ставајќи го нивниот живот во ризик.

Би можело да ве интересира

Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Месечната социјална помош на едно сириско семејство од 6.000 евра предизвикаа големи полемики во Австрија

Предраг Петровиќ

УНХЦР: 186.000 мигранти и бегалци пристигнаа во земјите од јужна Европа

Ердоган и Киличдароглу не сакаат Турција да е „магацин“ за сириските бегалци

Горан Наумовски

УНХЦР: Во 2022 година 100 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови

Стотици сириски бегалци кои живееја во Либан се вратија во нивните домови

А1он