За првите седум месеци од 2017 година, корисници на социјална помош во општина Виница, се 433 лица, од кои на 181 носител на правото од социјална парична помош му се исплатени 3.342.835,00 денари. Најбројни корисници на социјална помош се Ромите, вкупно 101, а 75 се Македонци.
Од социјалните случаи, 127 домаќинства живеат во градот, а 54 се во селата. Најбројни се оние на возраст од 26 до 45 години.
Во 2016 година биле регистрирани 197 носители и 451 корисник на кои им се исплатени вкупно 5.874.892,00 денари.
Од центарот за социјални работи Виница истакнуваат дека и понатаму важи можноста, сите корисници на правото на социјална парична помош со доставување на платена сметка за потрошена електрична енергија, или извршено купување на огревно дрво, нафта за греење или јаглен за греење, да остварат и да користат право на субвенции за потрошена енергија во месечен износ до најмногу 1.000 денари, а оние корисници кои имаат ученици во средно образование можат да користат условен паричен надоместок на годишно ниво во висина од 12.000 денари.
Висината на социјалната парична помош за едночлено е 2.831,00, за двочлено 3.878,00; за тричлено 4.925,00 денари, за четиричлено 5.973,00, за петчлено 7.020,00 денари. Парите се преполовуваат после третата година од користење на истите.