Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во текот на вчерашниот ден исплатила околу 110 милиони денари како поддршка на земјоделците и преработувачките капацитети. Од нив, 39,8 милиони денари им се исплатени на винарските визби за откупеното грозје.
В.д. директорот на Агенцијата Никола Бабовски денеска на прес-конференција истакна дека средствата се исплатени на вкупно 13 винарници, а две се избришани од регистарот и тие од законски причини нема да добијат субвенции за реколтата 2015/2016 година.
– Средствата беа ветени како поддршка за да може годинашниот откуп на грозјето да се заврши без никакви проблеми. Ова се субвенции кои винарските визби ги добиваат за реколтата 2015/2016 година за сортите „вранец“ и „смедеревка“, појасни Бабовски.
Освен за винарниците, дел од исплатените 110 милиони денари се наменети за рурална инфраструктура, поддршка на саемите, за органско производство…. Во изминатите две недели, пак, исплатени се вкупно 6,5 милиони евра субвенции.
Директорот Бабовски најави дека ќе се обидат до крајот на годината да исплатат се што е заостанато од 2015 и 2016 година доколку се исполнети условите за аплицирање.
На 15 септември истекува и аплицирањето за финансиска поддршка за 2017 година поради што од Агенцијата апелираат земјоделците што е можно поскоро да ги поднесат потребните барања.
– Моментално имаме повеќе од 53 илјади апликации, меѓутоа како се ближи крајниот рок очекуваме следниве денови оваа бројка да достигне до 72 илјади апликации, рече директорот Бабовски.