Четиригодишно девојче од гостиварското село Градец се задобило со тешки повреди, откако вчера околу пладне било удрено од автомобил што се придвижил во двор во семејна куќа.
Како што информираат од СВР Тетово, според изјавата на родителите на девојчето, таа претходно си играла со други деца во дворот. Најверојатно, едно од децата, во играта влегло во автомобил „рено клио“ кој бил паркиран во дворот и активирал некоја од командите, при што возилото се задвижило наназад. На правецот на движење се нашло повреденото девојче и било натисното до ѕид.
Набрзо по настанот, било пренесено во гостиварската болница, а од таму пренесено во Клиниката за детски болести во Скопје. Таму биле констатирани, фрактура на бедрената коска, повреди по главата, рамениот појас и стомакот.
Според последните информации, девојчето не е во животно загрозувачка состојба.