Во пресрет на средбата од првото коло на СЕХА-лигата, Металург денеска одржа прес-конференција. Тренерот Лино Червар истакна дека неговиот тим и оваа сезона ќе биде најмлад во регионалното натпреварување и во ЛШ.
– Сезоната ја почнуваме со еден поинаков тим, без Обрадовиќ, Младеновиќ, Вејин, Марчец и некои други. Ја сменивме структурата на тимот, пристигна Јагањац. Се обидовме да направиме рамнотежа во годишната возраст, така што повторно ќе имаме најмлада екипа во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. На првиот тим му се приклучија Димитриовски, Танкоски, Шилегов и уште неколку млади ракометари. Констатиравме дека овие момци треба да играат што повеќе натпревари и ние ќе се обидеме да ги балансираме, да играат во регионалната лига, во домашното првенство, а по потреба и во Лигата на шампионите, рече Червар.
Тој се осврна и на младинската селекција на Македонија.
– Ги следевте натпреварите на младинската репрезентација, која постигна извонреден успех,па сакам да им честитам на сите мои играчи за успехот. Му честитав на селекторот на младата репрезентација на Македонија, на сите оние кои работеле со овие млади момци. Мило ми е што се забележува работа со млади и во другите македонски клубови. Така се создава ривалство, со кое ќе се надигруваме, без да стекнуваме непријатели. Можам да кажам дека на СП во Алжир, Металург имаше дури 90% играчи во репрезентацијата од својата академија и мислам дека тое е единствен податок. Најблиску до нас беше унгарската репрезентација, со 65% играчи на Веспрем, но унгарскиот шампион е државен проект, а ние не сме. Во 2019 година Македонија ќе биде домаќин на Светско првенство за кадети, каде Металург повторно ќе има 90% играчи во репрезентацијата, потенцира хрватскиот стручњак.
За мечот со Вардар в сабота во СЕХА лигата, Червар посочи дека неговите избраници ќе се потрудат достојно да се спротивстават на фаворитот.