Мурал со димензии од 160 метри квадратни изработи францускиот уметник Векс Ван Хилик на ѕид на зграда на Булеварот „11 Октомври“ во Скопје.
МКЦ изразува благодарност до станарите на зградата и апелира до граѓаните кои би сакале да имаат мурал на своите фасади да ги контактираат и заеднички да се разубави градот.
Минатата година се изработени мурали на фасадата на ЈУ МКЦ, едниот дело на групата ЗЕРО и муралот кој го создадоа четириесетина македонски прогресивни уметници.
Во периодот што следи, најавуваат дека десетина уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка ќе творат нови дела на повеќе станбени и јавни објекти.
Од МКЦ изразуваат благодарност и до Градот Скопје за материјална, техничко-логистичка поддршка и за препознавањето на потребата за прогресивно разубавување на градските фасади.
Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во мало село во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во нејзината фауна и флора. Подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон се постојана инспирација од минатите векови, но, како проколнато од неговата генерација, неговото дело е исто така е под благо влијание на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.
Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде денес живее и твори), остварува неколку самостојни и бројни групни изложби ширум Франција, Европа, САД. Неговите дела се застапени во поставките во галеријата MondoPop во Рим и Салерно; во галеријата Gristle Tattoo во Бруклин, Њујорк, во галерии во Лос Анџелес и Филаделфија, Мелбурн…
Секоја слика или цртеж од Векс Ван Хилик изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии, каде секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност.