Во фокусот на 12. издание на фестивалот за современи уметности АКТО кој утре и в сабота ќе се одржува во Битола е иницијативата за ревитализирање на еден од најзначајните културни споменици во градот – Офицерскиот дом.
На денешната прес-конференција во Битола, организаторите, исто така најавија дека в сабота ќе организираат јавната дебата, под мотото „Каков Офицерски дом ни треба?“, која ќе се одржи во дворот на Офицерскиот дом, а на која покрај министерот за култура Роберт Алаѓозовски, ќе присуствуваат и пратеници, претставници од локалната самоуправа, експерти за културно наследство, како и повеќе организации и индивидуалци од Битола кои низ годините се залагале за одбрана и враќање на Офицерскиот дом во функција на јавно добро.
– Овој културен белег на градот со вековна традиција, долго време е оставен на немилоста на времето, затворен за граѓаните и без соодветен третман од надлежните институции. Токму затоа, акцентот на активностите на фестивалот АКТО ќе биде ставен врз реактуелизирање на темата за потребата од заживување на Офицерскиот дом во Битола и негово враќање во функција на културата и граѓаните, посочија организаторите на АКТО.
Покрај дебатата за Офицерскиот дом, фестивалот за современи уметности АКТО ќе понуди разновидна програма која вклучува многу изложби, работилници за музичари, програма за деца, перформанси, концерти и DJ настапи, кои ќе се одржат на неколку локации во Битола и тоа во дворот на Офицерскиот дом, во мезе – бар „Јагода“, Магаза, Задруга Артикултура и кафе бар „Радост“.