Ракометниот клуб Прилеп потпиша договори со четворица нови играчи, во насока на создавање конкурентен и квалитетен тим и исполнување на главната цел – пласман во плејофот.
– Нашите амбиции за оваа година се да создадеме конкурентен и квалитетен тим, да вложиме во младите категории, младинските и кадетските, да се добијат добри играчи и да се носиме со екипи како Охрид, Работник, Пелистер…., истакна Ице Чолаков, спортски директор во РК Прилеп.
Новите играчи велат дека иако се тука малку време се чувствуваат како дома, им се допаѓало како функционира самиот клуб и велат дека ќе дадат се од себе за да РК Прилеп влезе во плеј офот.
– Го прифатив повикот на клубот да дојдам тука како засилување на нивните редови. Прилеп има големи амбиции, исто ми се допаѓа и градот, ме почитуваат луѓето и мислам со работа можеме да дојдеме до плеј офот, кажа Петар Шаин, засилувањето од Србија.
И Константин Вешоски очекува добри резултати во новото првенство.
– Добив покана од РК Прилеп, најдовме заеднички јазик и договор и се надевам дека ќе соработуваме успешно и ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плејофот, рече Вешоски.
Членовите на РК „Прилеп“ денеска остварија и средба со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески кој им посака големи успеси оваа сезона и потенцираше дека локалната самоуправа и понатаму ќе биде еден од главните спонзори и поддржувачи на РК Прилеп и воопшто на целиот спорт во Општината.
– Нашата цел беше да се вратат повторно на сцена оние два големи спортови, ракометот и фудбалот во Прилеп, и мислам постепено го постигнуваме тоа. А оваа година со добри игри може да влеземе и во плеј офот, Ристески.