Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено по местимично влажни коловози на повеќе места. Во утринските часови се забележани врнежи од дожд во западните и југозападните делови. Појава на магла има во Неготино и Демир Капија каде видливоста е ограничена на 50 метри, соопшти Автомото сојузот на Македонија.
Се препорачува поголема внимателност на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово каде има почеста појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите. Поради ниските температури на повисоките места има можност за појава на голомразица.
Повнимателно управување со возилата е потребно и на магистралниот пат М-1 делница Катланово – Велес, каде се одвиваат работи за реконструкција на патот за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Во сила е законската обврска за поседување зимска опрема во возилата.